Општина Струмица претставувана од Ирена Георгиева раководител на Одделението за администрирање на приходи, потпиша Меморандум за соработка со USAID North Macedonia во рамките на проектот за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Со потпишувањето општина Струмица се обврза на унапредување на своите капацитети за ефикасно прибирање на приходите од сопствени извори, подобрување на капацитетите за планирање и наплата на локалните даноци, такси и надоместоци, пристап до надворешни ресурси и подобро управување со јавните финансии во согласност со законската регулатива.
На настанот на тема Партнерство за поефикасно управување во општините, на којшто беше објавена четвртата група партнер-општини, во кои е и општина Струмица, директорот на Проектот на USAID North Macedonia за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите Бардул Марку, ги претстави клучните резултати од соработката со партнер-општините. Истакна дека 48 партнер општини ги зголемија приходите од сопствени извори со просечен пораст од 22,32% во 2023 година, надминувајќи го значителниот раст од 10,26% забележан во претходната година. Дополнително, 14 општини кои изразија интерес, добија помош за ажурирање на базата на податоци за данок на имот, што резултираше во просечно зголемување од 20,5% на наплатата на данокот на имот. Овие резултати значително допринесоа за просечниот пораст од 45% на приходите од сопствени извори во истиот период.