• Thu. Nov 28th, 2024

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување „Шанса за сите“ за 2019 година е со најголем буџет досега

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување „Шанса за сите“ за 2019 година е со најголем буџет досега, а зголемен е и опфатот на лица за околу 2.000 корисници повеќе во однос на лани. Надлежните очекуваат дека „Шанса за сите“ ќе ја постигне целта, односно ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми вработливоста.
За реализација на годинашниот Оперативен план проектирани се 1,1 милијада денари, а се очекува да бидат опфатени најмалку 8.500 лица. Во период од неполни два месеца, како што информираа од Агенцијата за вработување, исполнет е предвидениот опфат на лица кои аплицирале за учество во мерките што водат до директно вработување, односно засновање на работен однос.

За програмата „Самовработување“ во моментов се почнати обуките на 2.076 лица од кои околу 800 се млади на возраст до 29 години. Најмалку 1.070 лица се очекува да се самовработат во првата половина од годинава.

Позитивни резултати се очекуваат и од мерката „Субвенционирање“ каде во фаза на потпишување се договорите со кои во текот на следната недела ќе бидат вработени 1.000 лица. Од нив, 50 проценти се млади до 29 години.

Во тек е и потпишувањето на договорите за мерката „Вработување и раст на правни субјекти за вработување“ за нови 500 лица.

Годинава, зголемен е и опфатот на 1.625 лица за програмата „Практиканство“ што, според Агенцијата за вработување, е највисок опфат за оваа програма досега. Потпишувањето на договорите за оваа мерка се очекува да почне од следната недела.

Посебен акцент е ставен и на преквалификацијата и доквалификацијата на невработените лица така што планирано е со разни обуки да бидат опфатени 4.740 лица. Од Агенцијата за вработување посочуваат дека младите имаат голем интерес за преквалификацијата, а за обуките за побарувани занимања аплицирале 1.300 лица од кои 500 се млади до 29 години.

Наскоро се очекува да бидат отворени и обуките кои се посебно атрактивни за младите лица, како што се оние за стекнување на дигитални вештини.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *