Вкупно 449 дарители донирале плазма, со која се третирани над 400 пациенти со Ковид-19, информираат од Министерството за здравство.
Од таму се повикуваат на податоците од Институтот за трансфузиона медицина, според кои досега се обезбедени вкупно 502 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19, од кои 399 единици се обезбедени преку стандардно дарување и 103 единици конвалесцентна плазма, преку аферезна процедура од вкупно 48 донори.
„Во овие сензитивни моменти, важно е да ја покажеме нашата хуманост и да даруваме плазма, зашто таа оди на вистинско место – таму каде што е неопходна и со тоа се овозможува да биде спасен нечиј човечки живот. На овој начин и со овој највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени им помагаат на лицата, кои во моментот се борат со коронавирусот. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19“, се објаснува во соопштението во кое се додава дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време за сите оздравени пациенти, кои ги исполнуваат условите, да даруваат плазма.
извор: Макфакс