Подигнувањето на степенот на инклузивност на националниот образовен систем е стратешки приоритет и клучна цел во програмата за работа на Министерството за образование и наука, кон која континуирано се насочуваат сé повеќе средства и активности во чија реализација се вклучуваат голем број општествени чинители.
Во таа насока е воведена и услугата образовна асистенција како обврска на државата уредена со закон. Односно ангажирањето на образовни асистенти за учениците со попреченост кои следат настава во редовните основни училишта повеќе не е грижа и трошок за семејствата на учениците.
Минатата учебна година, беа ангажирани 500 образовни асистенти, од кои 260 во скопскиот, кумановскиот и полошкиот регион и 240 асистенти во други три региони, односно по 80 асистенти во вардарскиот, југоисточниот и пелагонискиот регион.
Имајќи ги предвид искажаните потреби на родителите на учениците со попреченост, во новата учебна 2022-2023 година, ќе бидат ангажирани вкупно 720 образовни асистенти, а јавните огласи за пријавување на заинтересираните, во следните неколку денови ќе ги објават основните училишта со ресурсни центри кои воедно и се задолжени за спроведување на целата постапка за селекција.
Согласно Правилникот за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, образовен асистент може да биде лице кое сестекнало со звање: специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог со завршено VII/1 степен т.е. VIA според македонската рамка на квалифкациии МРК или 240 ЕКТС, како и лице кое што ги исполнува условите за наставник воодделенска настава (VII/1 степен т.е. VI A според МРК или 240 ЕКТС), односно наставник во предметна настава (VII/1 степен т.е. VI A според МРК или 240 ЕКТС)
По конечниот избор, образовните асистенти се вработуваат во основните училишта со ресурсни центри, со месечен надомест и платени придонеси од задолжително социјално осигурување.
Министерството за образование и наука ги повикува сите граѓани со соодветно образование и со желба за работа со ученици со попреченост, да ги следат веб страниците на основните училишта со ресурсни центри и да се пријават на повикот од соодветното училиште за кое се заинтересирани.
Во меѓувреме, МОН продолжува со преземање и на други чекори за подобрување на пристапноста и достапноста на образовниот систем за учениците со попреченост, преку континуирани инвестиции како во инфраструктурата и набавката на дидактички помагала, така и во обука и професионален развој на веќе ангажираниот наставен кадар и стручни соработници.