Во Гевгелија беше одбележана 76 годишнината од Денот на излегувањето на првите партизани во гевгелиско – 26 април. По тој повод, општинската организација на СЗБ од НОВ-Гевгелија, локалната самоуправа предводена од градоначалникот Сашо Поцков, претставници на јавните институции, политички партии и граѓански здруженија, им оддадоа почит на народните херои и паднатите борци од овој крај со положување цвеќе пред Спомен костурницата во центарот на Гевгелија.
-Излегувањето на партизаните од овој крај се совпаднало со велигденските празници пред 76 години кога било договерено тие да излегуваат во групи поради безбедносни причини, рече претседателот на гевгелиската боречка организација, Ристо Марковски, кој посочи дека првата група партизани излегла токму на 26 април, нагласувајќи дека овој ден треба да се слави бидејќи е многу значаен за историјата на Гевгелија.
На 26 април 1943 година во Кожуф планина се нашле првите доброволци-партизани од градот и околијата, а од Гевгелија биле: Ристо Бајалски, Димитар Григоров Зафиров, Димитар Кирилов Брзилов, Петар Христов Балабуров, Михаил Христов Делев, Василка Танова Дуганова, Јанко Милтијадев Инов (Урдинов), Надежда Васил Христова, Александар Мицев Ќаев, Марика Мицева Ќаева, Деко Андонов Ковачев, Васил Христов Карајанов, Христо Василев Поп-Ристов, Илија Танев Миов и Иван Христов Бајков.