Објавени два јавни повика за субвенционирање на домашните компании
Министерството за економија објави два јавни повика за поддршка на домашните компании наменети за субвенционирање на микро и мали претпријатија и за субвенционирање на занаетчии, кои ќе траат заклучно со 6 мај годинава.
-Поддршката од страна на Министерството за економија која што е предвидена за домашните компании преку овие два јавни повици е вкупно 56 милиони денари или речиси еден милион евра. При што вкупно 50 милиони денари се предвидени за субвенционирање на микро и мали претпријатија или околу 800 илјади евра и шест милиони денари за поддршка на занаетчиите или околу 100 илјади евра, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
Како што нагласи, услов за добивање на средства од јавниот повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија е да вработуваат најмалку три лица, односно најмалку две лица доколку апликантот е претпријатие во сопственост или управувано од жена, а ќе се кофинансираат 30 отсто од докажаните трошоци направени за набавка на машини потребни за производствениот процес, но не повеќе од 200.000 денари по барател.
-Согласно Јавниот повик за субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, ќе бидат кофинансирани 40 отсто од докажаните трошоци направени за набавка на машини и алати наменети за работа, кои се направени во текот на 2021 и 2022 година, но не повеќе од 100.000 денари по барател, посочи Бектеши