По прогласувањето на пандемија „Образовните установи да изнајдат начини со кои ќе ја продолжат неформалната едукација на учениците и студентите додека трае кризната состојба предизвикана од ширењето на корона вирусот, а особено да се фокусираат на можноста за воведување на онлајн настава“, апелираше министерот Адеми за искористување на можностите за неформална едукација.
Министерот Адеми истакна дека иако не постои можност за организирање на онлајн настава за сите ученици поради повеќе причини, пред сé поради недостапноста на интернетот во сите средини, но и поради тоа што сите ученици не поседуваат ИТ уреди или се едуцирани да ракуваат со нив, сепак, потребна е иницијативност и придонес од училиштата и општините со цел што повеќе ученици преку користење на интернетот и онлајн едукативните алатки да бидат опфатени со неформална едукација.
Едукативната ТВ програма во меѓувреме ќе се интензивира од аспект на застапеност во медиумскиот простор и ќе трае сé до стабилизирање на ситуацијата и повторно враќање на децата во училиштата и градинките.
Адеми ја пофали заложбата на дел од општините и училиштата, кои во целата ситуација самоиницијативно изнаоѓаат свои начини за продолжување на едукацијата на учениците, посочувајќи ја за пример Општина Карпош, која разви дигитална платформа за споделување на содржини преку Google drive кои би се изучувале во овој период од годината согласно наставните програми.
Од МОН потенцираат дека веднаш по одлуката за привремено затворање на училиштата и градинките, Министерството за образование и наука заедно со повеќе други засегнати институции и организации пристапи кон дефинирање на план со кој децата во вакви вонредни околности нема пасивно да го минуваат времето дома, туку ќе го исполнат со совладување корисни и едукативни содржини.