Обична вирусна инфекција- причина за заболувањето на гевгелиските дечиња.
Резултатите од дополнителните испитувања на 50 дечиња,на возраст од 2 до 5 години, хоспитализирани со симптоми на горнореспираторна инфекција во Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, покажаа дека се работи за заболување настанато од обична, вирусна инфекција.
Резултатите беа готови уште истиот ден кога беа земени потребните испитувања и направени анализите на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Имено, министерот за здравство, Венко Филипче, ги потврди резултатите, дообјаснувајќи дека кај децата не се пронајдени антитела на КОВИД-19, а зголемениот број на заболени дечиња се должи на разбудениот имунолошки систем по изолација, за време на пандемијата.
– Станува збор за вирусна инфекција, тоа што сакавме да потврдиме односно исклучиме е тоа дали има некаква врска со КОВИД. Затоа кај сите деца се направи серолошка анализа на крвта за да се види дали имаат антитела и дали во изминатава година ја поминале блеста асимптоматски. И, тоа не е случај. Ниту едно дете нема антитела. Вториот момент кој се испитуваше беше зошто сега во толкава бројка и во еден регион. Но, по информацијата дека има зголемена бројка на деца и во болницата во Козле, очигледно дека имуниот систем сега на некој начин проработува поради тоа што подолго време биле изолирани дома и сега децата доаѓаат во контакт со предизивикувачи и на тој начин реагира имуниот систем.
Значи, нема никаков простор за паника, важно е дека симптоматологијата нема никаква врска со КОВИД-19, со имунитет, реакција, така што е обична вирусна инфекција, истакна министерот Филипче.
За дополнителните испитувања, во работна посета на ЈЗУ Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, престојуваше директорката на Универзитетската клиника за детски болести- Скопје, проф. д-р Аспазија Софијанова со стручен тим. За време на посетата, стручниот медицински тим од Скопје оствари работна средба со лекарите- педијатри од Општата болница- Гевгелија. Врз основа на веќе применетите протоколи и извршената визита, беа направени дополнителни испитувања кои беа анализирани во Скопје за утврдување на причините за настанување на болеста кај децата.
Со стручниот тим од Скопје, средба оствари и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој ја поздрави соработката и брзата реакција на Министерството за здравство и до испратениот стручниот тим на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, изразувајќи ја подготвеноста на Општина Гевгелија да даде поддршка на сите потребни напори, на кое било ниво за утврдување на причината на оваа појава и изнаоѓање решение. Притоа, Поцков апелираше до граѓаните од општина Гевгелија дека нема место за паника бидејќи ситуацијата е ставена под контрола од страна на експертскиот тим во соработка со докторите- педијатри од Општата болница- Гевгелија.