Еко-акција за позелена татковина ќе се одржи од денеска до 9 мај, во вкупно десет општини во државата, Крушево, Охрид, Дебар, Демир Капија, Куманово, Гевгелија, Крива Паланка, Струмица, Штип и Велес, а со поддршка од компанијата Пакомак, Министерството за животна средина и просторно планирање и од Министерството за земјоделие и шумарство.
Оваа акција насловена „Генералка викенд“ е поддржана и од Делегацијата на Европската Унија Скопје преку нивниот проект „За чисто како дома исто“.
Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, спроведување на ваква масовна акција за чистење на отпадот се случува во вистинско време – по продолжениот празничен викенд кога голем дел од граѓаните го поминаа на отворено во природа.
Тој изјави дека идејата за спроведување на организирани, континуирани активности за собирање на отпад во нашата околина, почнувајќи од домовите, дворовите и најблиските излетнички места, ја смета како добар начин за развивање на позитивни навики и однесувања и соочување со несоодветното и неодговорното постапување со отпадот кој самите го создаваме.