Годинашни добитници на наградата Македонска книжевна авангарда се: Даниела Андоновска-Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска-Станоеска, што се доделува од Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје. Наградата се доделува за иновативна, експериментална и креативна, односно најдобра книга објавена во 2019 и 2020 година.
Митко Гогов е награден за книгата Скриено писмо. Станува збор за концептуална поетска збирка во која има три циклуси, од кои првиот и третиот се патувања во социјално ангажираниот светоглед и духовниот повик за подобро утре, а хаику циклусот кој е поместен помеѓу овие два циклуса, има функција на еден скриен начин да не потсети на детството и сите оние нешта кои некогаш сме ги имале во подрумот, како реликвија за едно време. Во овие стихови се пее за времето/темпоралноста, но и за болката и за страдањето, за осаменоста и за копнежот по (не)достижниот Друг. Песните, иако се зачнати и родени во лирското, се стремат кон филозофското и метафизичкото. Се создава еден поетски простор-време, сценски или сценографски режиран и филмски монтиран, прикажувајќи го светот низ фрагментарни и маргинални слики, прочистени од патетичност.
Даниела Андоновска-Трајковска е наградена за поетската книга „Куќа на контрасти“. Станува збор за женско писмо со многу семантика, мудрости и значења. Нејзините песни се нетипични и некласични. Авторката експериментира со формите, но и содржините на песните. Нејзината поезија изобилува со слики, симболи и метафори. Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, научник, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на докторски студии со објавени над 100 научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници.
Габриела Стојаноска-Станоеска е наградена за книгата Приказни за краткоста. Во поднасловот на книгата стои: раска(з)жи за своја душа. Станува збор за концизна, збиена, постмодернистичка проза. Карактеристики на нејзините раскази пишувани со пресврти и заплети се современоста и актуелноста, односно јадровитоста, лапидарноста, сликовитоста и мисловноста. Книгата е создадена во манирот на урбаната кратка проза.