Меѓаши бара да се преиспита одлуката за старт на второ полугодие
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ соопшти дека упатила барање до Владата и Комисијата за заразни болести со цел, како што наведуваат, да се преиспита одлуката за почнување на второто полугодие со физичко присуство на учениците.
Од „Меѓаши“ посочуваат дека организирале јавна дебата на тема „Најдобар интерес за децата – за и против носењето маски и тестирањето во училиштата“, емитувана на социјалните мрежи на 27 јануари на која освен медиумите била поканета и целата јавност. На дебатата дискутирале д-р Мими Кимовска Христов од Универзитетската клиника за детски болести, д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје, д-р Бесник Зеќири од Институтот за белодробни заболувања кај децата, проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет при УКИМ и Ана Попризова, училишен психолог.
– Во дел од заклучоците од вчерашната дебата се наведува дека бројот на заболени деца што се јавиле во Институтот за белодробни заболувања во периодот крајот на декември 2021 – почетокот на втората половина на јануари е двојно зголемен од вообичаениот број за време на најголемите пикови во претходните бранови. Со оглед на тековната состојба на заболени од коронавирусот сите панелисти се согласија дека е неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн. Ставовите на мнозинството од панелистите околу носењето маски е дека треба да се носат во затворени простории, а сите се потив задолжително носење маски на отворено и дека е пожелно да се прават тестирања еднаш неделно во училиштата.