Од 18 декември до 21 јануари кафулињата и рестораните да работат до 18 часот наместо до 21 часот, е новиот предлог на Комисијата за заразни болести кој денес ќе ѝ го препорача до Владата за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници. Министерството за здравство вели дека Комисијата ќе достави и препорака да нема групирање во станови за престојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.
Комисијата, исто така, препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид собири во периодот на празниците.
„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препорако кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот Венко Филипче.