Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата ќе врши засилени контроли од наредната недела, но и во текот на новогодишната ноќ, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод 100 дена влада. Тој појасни дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи на луѓе.
„Во овие моменти имаме сериозно ширење на вирусот и жртви од вирусот. Еден од заклучоците беше и во однос на издавање викендици на луѓе кои се организираат во групи. Нема никаква забрана за издавање викендици на семејства и едно семејство да може да биде во некоја викенд куќа каде било на територијата на нашата земја, меѓутоа секако дека е кривично дело издавање викендица на групи на луѓе. Не е идејата да донесеме одлука дека рестораните, хотелите итн. не можат да работат после 18 часот, се со цел да помогнеме во спречувањето на ширење на коронавирусот, а од друга страна да отвораме нови такви објекти, да ги имаме и во околината на Скопје, претежно во Сопиште, Маврово, Охрид, Струга или во кое било туристичко место. Зошто би била забраната за рестораните и хотелите ако тоа некои може да го прават во викендиците? Ние сериозно работиме, имаме оперативна акција во однос на издавањето на викендици и веќе постапуваат колегите. Превентивно реагираме уште сега до издавачите на викендици да знаат што ги очекува. Изготвени се сите планови за контроли, тоа веќе ќе го правиме од наредната недела и во текот на новогодишна ноќ“, кажа Спасовски.