Матурантите ги завршија прославите, а сега треба да го загреат столчето и да се подготват за полагање на државната матура. Не им останува уште многу време, бидејќи на 02 јуни тие полагаат англиски, француски, германски и руски јазик. Државниот испитен центар и Министерството за образование веќе ги објавија датумите за полагање предмети од државната матура. На 09 јуни се полага македонски јазик и литература, албански и турски јазик. Хемија, физика, биологија, историја филозофија, естетика и бизнис се полага на 11 јуни, а државната матура ќе заврши со полагање на математика, чиј термин е закажан за 13 јуни.
Државната матура е наменета за учениците од гимназиското и од четиригодишното средно стручно образование. Покрај тоа што претставува завршен дел на средното образование, има за цел да послужи и за селекција на кандидатите за запишување на високото образование.Државната матура се полага според посебни испитни програми кои се темелат на целите на наставните програми за соодветните наставни предмети кои се вклучени во листата за државна матура.
Оние ученици кои од оправдани причини нема да полагаат во јунскиот испитен рок или нема да положат дел или сите испити од државната матура, тоа ќе можат да го направат во август.Прелименарните резултати од екстерните испити на кандидатите, ќе им бидат достапни најдоцна до 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит и овие резултати ќе се конечни за кандидатите кои нема да приговараат. Доколку матурантот смета дека е направена грешка во оценувањето на испитните задачи, во пресметувањето на бројот на бодовите, може да достави приговор во рок од два дена по нивно објавување. Државната матура е услов матурантот да продолжи со високо образование.