Струмичките ,,рисови,, ракометниот шампионат на Македонија ќе го завршат најверојатно како третопласирани, веднаш зад гигантите Вардар и Металург. Ова значи дека и годинава ќе имат право на настап на Евросцената и тоа во ЕХФ Купот. Третата позиција ја заверија со вечерашнава победа над Охрид со 28:23 во салата Парк каде ,, рисовите ,, докажаа и покажаа дека во земјава се меѓу најдобрите иако имаа огромни турбуленции во оваа сезона.
Вечерва охридските ,,рибари,, се обидуваа по секоја цена да дојдат до поволен резултат. Тргнаа офанзивно и имаа водство, но струмичките ракометари не дозволија изненадување на свој терен. Првото полувреме заврши со три гола предност 12:9 а во второто домаќините постојано имаа предност од 3 гола за да на крај слават со пет разлика.
Соколов со 10 гола беше најефикасен а своја одлична партија покажа и младиот Васко Наков кој двапати едноподруго кога се кршеше резултатот во првите триесет минути постигна два гола.