Македонската Aрмија може да се носи со обврските од НАТО
Првото НАТО оценување откако Македонија стана членка на Алијансата заврши со највисока оценка и пофални зборови за способноста и професионалноста на војниците од лесниот пешадиски баталјон. Надлежните велат дека буџетот на одбраната е дуплиран, а во тек е процес на модернизација на Aрмијата.
Сè уште нема одлука за испраќање македонски војници во рамките на зајакнување на источното крило на НАТО, но надлежните уверуваат дека нашата Aрмија е подготвена, доколку Алијансата го побара тоа од нас.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски вели дека македонските војници се оспособени со највисоки перформанси и висока обученост за извршување на соодветни задачи како во земјата, така и во странство.
„Секако дека имаме потреба од дополнителни вложувања и подобрување на логистиката во делокругот на подобрена опрема за заштита и мобилност на командите и единиците што впрочем е и фокусот на Генералштабот, министерството и државните авторитети во делот на модернизација, план кој се спроведува во континуитет и очекувам во блиска иднина дел од тие средства да бидат испорачани, дел се испорачани и се според највисоките НАТО стандарди не само кај оваа единица туку и кај други состави“, вели генерал потполковник Ѓурчиновски.