Развојна банка на Северна Македонија денеска ја повлече последната транша од евтините кредити за домашни компании, во вкупен износ од 20,4 милиони евра. Заклучно со оваа транша, досега се повлечени вкупно 50,9 милиони евра, односно сите средства кои беа предвидени како евтини кредити за домашните компании.
„Седмата транша од кредитната линија на Европската инвестициска банка (ЕИБ) фаза 5 која ја користи Развојна банка е одобрена за нови 73 проекти на домашни компании. Со ова, досега на вкупно на 186 домашни компании преку шест комерцијални банки им се овозможи да користат евтини кредити со каматна стапка до 1,6%. Овие 186 домашни компании ќе поддржат вработување на вкупно 605 лица“, соопшти Развојна банка.
Најголем дел од овие средства, 33% или 17 милиони евра, се одобрени за проекти во секторот производство. Триесет отсто од средствата, или 15,8 милиони евра, се одобрени за секторот трговија, додека 9,6% или 4,9 милиони евра се одобрени за проекти во секторот угостителство. За секторот транспорт се одобрени средства во износ од 5,3 милиони евра или 10,5%, за секторот услуги се одобрени 3,8 милиони евра или 7%, додека за секторот здравство се одобрени средства од 1 милиони евра. За други сектори се одобрени вкупно 3 милиони евра или 8%.
Со повлекување на последната транша од фаза 5 на ЕИБ кредитната линија, која во вкупен износ изнесува 100 милиони евра, се заокружува кредитната линија, која во овие две години на реализација поддржа вкупно 332 проекти на домашни компании со кои се вработуваат 1.089 лица. Најголем дел од средствата, 35 милиони евра, се одобрија за проекти во секторот трговија, 31 милиони евра се одобрија за производство, додека 10 милиони евра се одобрија за транспортот.