Колку лица останале без работа како последица од кризата со коронавирусот, Министерството за труд и социјална политика нема конкретни податоци, но ги повика сите граѓани што останаа без приходи да аплицираат за минимална помош
Лицата што останале без работа или биле дел од неформалната економија, со брз влез во системот на социјална заштита, ќе земаат минимална материјална помош, најави заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар.
Висината на помошта ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на членовите на домаќинството, сметано од последниот месец, а мерката ќе трае два месеца за април и мај.„На ваков начин покажуваме дека системот на социјална заштита лесно се приспособува на потребите на граѓаните и стигнува до оние на кои помошта им е најпотребна, а најранливите групи на граѓани не се занемарени“,
изјави Бајрактар.
Заменик-министерот информира дека предвидена е уште една мерка за поддршка на постоечките корисници во системот на социјална заштита и најави дека тие ќе добијат дополнителен енергетски додаток од 1 000 денари за април и мај. „Целта која нема алтернатива е домаќинствата во ризик да ги пребродат тешкотиите за да имаат можност кога работните процеси ќе се нормализираат и тие да бидат во состојба да се вклучат во активните програми на пазарот на трудот“
нагласи Бајрактар.