Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија најави дека во петок во 19 часот ќе организираат протест пред Министерство за здравство затоа што не ја добиваат соодветната терапија.
Тие, во соопштението испратено до јавноста, велат дека се потрошило нивното трпение и дека поминале сите рокови надлежните да го решат овој нивен проблем.
„Завршија сите рокови. Логички, правни, измислени и смислени игри и манипулации. Заврши времето на лаги и обезличување на 150.000 граѓани, на 45.000 лица со дијабетес на инсулин. „Нашето“ Министерство за здравство и „нашата“ Влада на Република Северна Македонија ги манипулираа 700 дечиња и млади со пумпи, сетови за пумпи, сензори, глукомери и со терапија. Имаме најиновативна инсулинска и анти-дијабетна терапија. Благодариме, но не ја добиваме! Зошто?“, вели Диме Велев, претседател Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Оттаму додаваат дека станува збор за предупредувачки мирен протест за безбеден и квалитетен живот на лицата со дијабетес, и во соопштението се оградуваат од било какви партиски, политички или други видови пресметки.