• Sat. Nov 23rd, 2024

Кофинансирање на систем за наводнување капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода ќе финансира АПРЗ

Од денеска до 21 август земјоделците ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој преку Мерката 121.4 „Набавка на систем за наводнување капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода“.Со оваа Мерка, како што информираат од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, на располагање се 20 милиони денари, а со овие средства земјоделските стопанства ќе може да набават систем за наводнување капка по капка, да направат конструкција на бунари и други зафати на површинска вода.Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, вели дека за мерките ќе може да аплицираат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.- Барањата за добивање на финансиските средства се поднесуваат електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе секое поединечно земјоделско стопанство изнесува 1.800.000 денари за земјоделците кои ќе аплицираат за систем за наводнување, додека за инвестиции во бунари максималната сума е 364 илјади денари вели тој.Сите заинтересирани со овие средства ќе може да набават подземни системи за наводнување капка по капка, опрема и приклучна опрема за системот за наводнување (филтри, фертиригатори, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема и приклучна механизација за поставување и собирање на системот капка по капка, опрема за електрична инсталација за снабдување со електрична енергија, вклучително и опрема за енергетска ефикасност и опрема за производство на одржливи енергии и агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема.Со добиените средства ќе може да се набави и компјутерска опрема за функционирање, управување и контрола на системот за наводнување и софтвер, услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни и електрификациски работи вклучително и инсталирање на опремата и софтвер, како и услуги од трети лица за изработка на студии, елаборати, планска и техничка документација.Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање, на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот, а во висина на 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.Директорот на Агенцијата појаснува дека изборот на финансирање на инвестициите ќе се прави по принцип на рангирање. Според правилата на Програмата, апликантите освен барањето кое треба да биде своерачно потпишано, заедно со податоците за локација на инвестицијата, ќе треба да прикачат и понуда, профактура за предложената инвестиција и деловен план изготвен согласно предвидениот образец „деловен план“.Барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на Договор за ко-финансирање со Агенцијата. Барањата кои не се поднесени електронски нема да се разгледуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *