Кај Мрзенци запленети 16 килограми марихуана
МВР информира дека пред четири дена бил пресечен транспорт на 16 килограми марихуана кон Грција чија вредност на црниот пазар би достигнала 50 илјади евра. Дрогата е запленета во селото Мрзенци.
Во соопштението од МВР се наведува дека се откриени 16 килограми марихуана, спакувана во 20 полиетиленски пакувања сместени во две торби.
Приведени се две лица, 30-годишен жител на Валандово со иницијали Т.П. и 31-годишен жител на Гевгелија со иницијали Ј.Р. Запленети се две возила и неколку мобилни телефони.
До гевгелиското обвинителство е поднесена кривична пријава, и лицата ќе бидат спроведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Гевгелија кој одлучува за евентуална мерка притвор.