Преку влијанието на уметноста и културата да се разбуди граѓанската свест и учество во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво – ова е целта на „Караванот на слободата „ на ЦИВИЛ, кој денес и утре е во посета на Струмица и соседните општини. Освен големиот концерт закажан за утревечер кој ќе се одржи во Големиот градски парк, караванот ќе понуди и голем број на работилници, дебата, изложби, поетски читања.
„Македонија со или без слобода„ е темата на утрешната дебата која е во склоп на „Караванот на слободата„ на ЦИВИЛ. Освен струмичани, на истата ќе присуствуваат и гости од Скопје.
„Караванот на слободата„ денес ќе ги посети и општините Богданци, Дојран и Валандово. Граѓаните ќе разговараат за слободата и политичката ситуација и за престојните избори, а за утрешниот концерт во Струмица ќе имаат обезбедено бесплатен превоз.
„Караван на слободата“, е финансиран од УСАИД, а ќе се спроведува во наредните три месеци на повеќе локации во Република Македонија. Досега беше само во посета на Велес, а за наредните денови вакви концерти ќе се одржат и во Прилеп , Тетово, Куманово, Штип , а на самиот крај е предвиден тридневен мултимедијален настан со концерти во Скопје.