Тензиите меѓу Индија и Пакистан имаат потенцијал да прераснат во меѓународна криза и вистинско време е американскиот претседател Доналд Трамп да посредува, рече пакистанскиот премиер Имран Кан.
Коментарите на Кан следуваат еден ден откако Пакистан ја обвини Индија дека употребувала нелегални касетни бомби со кои усмртила двајца цивили и ранила 11 во спорната област Кашмир. Индија негираше дека користела такво оружје.
„Претседателот Трамп понуди медијација во Кашмир. Сега е време за тоа бидејќи ситуацијата се влошува“, објави Кан на „Твитер“, говорејќи за милитизираната граница што го дели Кашмир на два дела – индиски и пакистански.
Тој наведе дека тоа има потенцијал да експлодира во регионална криза.
Индиското Министерство за надворешни работи и Белата куќа сè уште не ги коментираа изјавите на Кан.
Трамп во јули им рече на новинарите дека индискиот премиер Нарендра Моди го прашал за време на состанокот во Јапонија дали сака да биде медијатор во Кашмир. Индија негираше дека Моди некогаш побарал медијација.
Кашмир, кој има мнозинско муслиманско население, веќе долго време е камен на сопнување меѓу Индија и Пакистан, бидејќи и двете земји имаат право на таа територија.
извор:makfax