По свечената седница на Советот на Општина Гевгелија по повод 7 Ноември, во Гевгелија, гостуваше камерниот оркестар „АЈГА“ којшто им приреди незаборавна концертна вечер на присутните во салата на Народниот театар – Гевгелија.
Со изведба на оркестарска класична музика под диригентската палка на Бобан Цанев, како и соло-изведбите на Маја Чанаќевиќ на англиски рог и Владимир Костов на виолина, „АЈГА“ им го честиташе општинскиот празник на гевгеличани мошне велелепно, благодарение на ЈОУ Дом на културата „Македонија“ – Гевгелија, којашто се погрижи празничната вечер да биде одбележана на ниво, впрочем, како што и доликува на Гевгелија.
На програмата, беа изведени дела од: Бах („Арија“), Моцарт („Мала ноќна музика I став“), Шуман („Мечтаење“), Фиала („Адаџо“), Шуберт („Музички момент бр. 3“), Константинов („Враќањето од Пасквелија“), Скалоски („Залез“) и Шуплевски („Капричо“).