Образовните инстутуции ширум светот се обидуваат да изнајдат решенија и соодветни модели за безбеден старт на новата учебна година. Во зависност од тоа како се движат бројките на новозаразени со КОВИД-19, секоја земја на различен начин ќе одлучува за образовните модели кои ќе се применуваат.
Кај нас, вчера се одржа првиот состанок по тоа прашање но, без министерот Арбер Адеми, кој во моментов е се’ уште во изолација, бидејќи е позитивен на коронавирусот.
Од Комисијата за заразни болести, за Фактор.мк изјавија дека претставниците од МОН дошле со конкретни предлози, но се’ уште е рано за да се каже како ќе биде организирана наставата. Сепак од Комисијата се децидни дека во ниту еден случај децата не смеат целосно да останат дома, и од 1.септември наставата да продолжи како што беше второто полугодие.
Од таму за Фактор.мк велат дека во оние училишта кои бројат многу деца, а тоа се во Скопје, Куманово и во Тетово, наставата да биде организирана така што децата би биле поделени во групи. Наизменично да се следи наставата една недела во училиште, една недела онлајн, а часовите да траат по 30 минути. Ова секако нема да важи за сите училишта подеднакво. Во некои училишта во земјава има само по десеттина деца. Таму единствено што ќе треба е да се почитуваат општите мерки и протоколи, односно дезинфекција на клупите, просториите, тоалетите, и така натаму, како и задолжително носење маска и одржување растојание. Што значи дека ќе може да се обезбеди непречено физичко присуство во училиштата. Онлај настава е многу потешко да се организира на целата територија на земјава, бидејќи дел од луѓето во некои села немаат ниту компјутери, ниту интернет.