• Fri. Nov 22nd, 2024

Изложбата „Ерусалим“ вечерва се отвора во градската уметничка галерија во Струмица

Изложбата „Ерусалим“ вечерва се отвора во градската уметничка галерија во Струмица.

Во градската уметничка галерија во Струмица во вторник (26 април), ќе биде отворена изложбата на фотографии „Ерусалим“ од фотографот Александар Дончев. Изложбата се состои од фотографии направени во 2018 и 2019 година, во древниот град, преку кои авторот се фокусира претежно на оние свети места и градби што се најзначајни за христијаните. Според авторот, фотографиите  суптилно се обидуваат (без)временски да го отсликаат оној период од постоењето на градот, во оние триесет и три години кога Тој се родил, живеел, бил распнат и воскреснал меѓу оние ѕидини.

Овој фотоаџилак беше поклоничко патување, кое требаше дополнително да ме зацврсти во верата или, можеби, да ме разубеди, додека направените фотографии беа само белешки, само трошки што ги оставав зад себе по патот, со надеж дека пак ќе се вратам по нив еден ден, дека повторно ќе ме донесат кон тие извори на чувства и камења полни живот и приказни, вели фотографот Александар Дончев.

Во галеријата во која е поставена изложбата ќе има и кутија за донации од фондацијата „Елеуса“. Собраните средства од донациите или од продажбата на некои од изложените фотографии ќе се насочат директно за помагање на семејствата и лицата на кои им е потребна финансиска помош.

Изложбата ја помагаат Општина Струмица и Здружението за развој и афирмација на визуелнатa култура и уметност „Кадро“ од Струмица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *