„Избор“ ги започна активностите од проектот „Иновативни социјални реформи за вработување на маргинализирани групи – корисници на супстанци“, којшто има за цел вработување на маргинализирани групи-корисници на супстанци.
„Главна цел на проектот е да се примени најсоодветниот механизам за намалување на јазот помеѓу долгорочната невработеност и пазарот на трудот за маргинализирани групи односно корисници на супстанци. Активностите на проектот се поделени на четири компелментарни компоненти кои се: градење капацитети за граѓански организации, вмрежување, вработување и менторска поддршка и застапување и лобирање,“ рече Ѓорги манчев, координатор на проектот.
Првиот тренинг којшто се одржа во Струмица, а учествуваат претставници од шест невладини организации од целата држава. Станува збор за организации коишто работат со маргинализирани групи граѓани и тие учеа како да стекнат вештини коишто понатаму ќе им помогнат во водењето и поддршката на лицата корисници на супстанци во процесот на вработување.
„Во изминатиот период заедно со организацијата Избор Струмица работевме на изготвување програма за окупациона терапија на маргинализираните групи за да им дадеме некакви алатки и основни познавања на невладините организации за тоа што всушност претставува окупационата терапија и како истата може да ја применат во својата работа, и она најважно, како да настапат на пазарот на трудот и како да ги промовираат своите клиенти како вредни, потенцијални лица коишто треба да се вработат и да влезат на пазарот на трудот, рече Александра Георгиевска, којаштво е ангажирана како консултант на проектот.
„Окупационата терапија е малку непозната како професија во Македонија, нема едуциран кадар, не постои образовна институција којашто едуцира ваков кадар, јас имав среќа да студирам во Словенија, инаку сум професионален окупационен терпевт. Ова го велам затоа што окупационата терапија е многу важна алка во тој синџир, во тој цел процес до вработување. Од проценката на клиентот, што тој може, како може, да се направи еден индивидуален план, што му е потребно да се оспособи, да се остручи до негово вработување, вели Стојан Андонов, окупационен терапевт.
Проектот ги опфаќа лицата кои се во програма на третман и рехабилитација од зависности (дрога, алкохол, хазард) и опоравени лица, односно оние што апстинираат.
Претставниците на шесте граѓански организации се запознаваа и со социјалното претприемништво и со помош на тренери развиваа идеи за социјално претпријатие коешто во иднина би можело успешно да функционира на македонскиот пазар, а дел од неговите вработени да бидат токму лица од маргинализирани групи.
„Секаде во светот еден од начините како организациите можат да ја остваруваат својата мисија е да реализираат економски активности, што всушност е социјалното претприемништво, коешто го користи бизнис моделот за да се обезбедат средства. Од една страна да се покријат трошоците за оние делови на маргинализирани групи, или групи од посебен интерес, како што се млади, жени, самохрани родители па се до поранешни штитеници на казнено-поправни домови, коишто на пазарот на труд многу тешко можат да најдат работа. Значи, социјалното претпријатие го прави токму тоа, им обезбедува работа, а профитот повторно се вложува за тие маргинализирани групи,“ рече Зоран Стојковски, тренер на обуките.
Во понатамошните фази проектот „Иновативни социјални реформи за вработување на маргинализирани групи – корисници на супстанци“, ќе опфати широк спектар на целни групи коишто со заедничка вклученост ќе помогнат во дестигматизација на овие маргинализирани групи, но и нивна побрза ресоцијализација и реинтеграција во општеството преку процес на вработување. Тоа се граѓанските организации коишто во моментов работат со маргинализирани групи граѓани (корисници на супстанци), бизнис секторот, локалната и централна власт и воопшто граѓаните на Република Македонија.
Проектот започна во март годинава и ќе трае речиси три години, односно до октомври 2020.
Проектот е на УСАИД за граѓанско учество.
Здружението „Избор“ има дводецениско искуство во советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психотропни супстанци на територијата на општина Струмица, регионот и државата. Здружението само ги создаде потребните програми за целните групи коишто ги опфаќа и ја основа тераписката заедница Покров, за ресоцијализација и реинтеграција на корисници на дрога, алкохол и хазард.