Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?
Текот на здравствената и политичка криза врзана со пандемијата на коронавирусот во нашата држава се состои од две временски рамки. Првата, во обемот на мерките поврзани со полицискиот час и ограничувањето на стопанските и општествени активности, и втората – тековна, од попуштањето на мерките па до сега. Помеѓу нив можеме да воочиме последователност во последиците, тоа за што можевме да извлечеме заклучоци во првата етапа го предореди текот на кризата. Предметот на анализа и евалуациските инструменти кои ни овозможија во почетокот на кризата да дојдеме до точни претпоставки за тоа што следи, беа: однесувањето на населението наспрема ограничувањето на движење; кризата низ призмата на континуитетот на нашата политичка култура; нужноста од мобилизација на пропагандните апарати на политичко и академско ниво, пишува Амар Мециновиќ во својот блог за РесПублика.
Заклучно со најригорозниот полициски час во нашата историја – вкупно 85 часа, тогаш можевме да донесеме заклучок за влијанието кое мерките го имаат врз населението и за повратниот однос што произведува обратни резултати. Мерките во крајност беа за спречување физички контакт.
Тие беа драконски поради претпоставката дека населението е некадарно за брзо социјално прилагодување и поради немоќта на здравството. Според социјалните коментатори за италијанската непогода, тамошното население развива алармантност согласно сериозноста на ситуацијата иако стабилноста на кривата на заболувања е индикатор за победничка стратегија. Соодветно на тоа, зошто колективниот одговор на населението кон мерките е однесување водено од фрустрација, а не прилагодено на посакуваното подигање на свеста, е предмет на излишна полемика.
Политичките мерки не се алтруистички, ниту, пак се водат од емотивниот елемент на загубените животи, туку се единствена алтернатива на слободното ширење на вирусот. Кога одговорот на национално ниво е незрел, шарлатански, културолошки расистичка е произволноста на заклучоците дека тоа е неспособност на целиот колектив. Нашата актуелна интеграција во севкупниот наш збир е дисфункционална, поради тоа што сврзното ткиво е нездраво. Постои недоверба на луѓето кон колективниот апарат, како и целосна отуѓеност низ која минуваат во своите засебни животи, како кон колективното, така и кон индивидуалното.
Социјално или физичко дистанцирање
Кога станува збор за кризни ситуации, брзото прилагодување на општествените групи – оттаму и ефикасноста на нивните мерки, во земји со „комунитарна“ политичка култура наспрема тие со „индивидуалистичка“, се состои во степенот на доверба на секој човек, која претпочитува чувство на безбедност и сигурност во однос на групата на која и припаѓа. Имено, постојаност во претпоставката за добронамерност при постапувањето на групата наспрема поединецот. Снаодливоста на припадниците на овие општествени групи е во второстепената претпоставка за обезбедување сигурност – таа на ниво на колективниот дух, додека во западноцентричните општества таа е првостепена и се однесува на можноста секој од нас да делува во согласност со својата оска на сигурност.
Затоа, кога станува збор за третoстепениот механизам за справување, оној на државно ниво – првите групи не го доживуваат како нарушување на личните слободи и права туку како сопствен капацитет за акумулирање здраворазумен одговор на него, додека кај вторите, не постои сигурност во заедничкото расудување за мерките на државно ниво.
Расцепот во политичките култури, лишен од емотивната компонента, освен што укажува на поголема ефективност за колективно координирање, исто така обелоденува извесност за психолошката оддалеченост меѓу луѓето во западноцентричните општества како што е и нашето. Тоа што во западниот свет ние го ословуваме како „социјално дистанцирање“, во Тајван го нарекуваат „физичко дистанцирање“ – лишено од контрапродуктивна интеграција на полемиката во националниот гениј. Индикативно, групите кои уживаат комунитарна политичка култура ова општествено координирање го доживуваат како сплотеност во постапувањето и јакнење на јадрото на припадништвото, додека оние кои и вон кризата имаат низок степен на заедништво во постапувањето, кризата ја доживуваат како дополнителен фактор за оттргнување на единката од колективот.
На ова се надоврзува и тоа што во иницијалните етапи на кризата, земјите во Европа и западниот свет носењето маски не го приоритизираат, затоа што тоа не се смета за елемент за индивидуална заштита, додека колективистичките општества носењето маски го доживуваат како мерка на претпазливост, поради можноста секој од нас да биде носител на вирусот, со што колективот во целост се заштитува превентивно.
Актуелноста како извор на знаење за креирање политики
Во овој момент, она што можеме да го сумираме кога станува збор за случувањата во нашата држава, е следното: нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен, како резултат на негувањето индивидуалистичка политичка култура. Згора на тоа, сеопфатниот недостаток на идеолошка постојаност во дискурсот на политичките актери придонесува дополнителна фрагментација на општиот дух на припадност и доверба во јавниот апарат; општата информираност на населението за меѓународните процеси не доаѓа од домашни извори, туку конзумацијата на информации е од извори кои се целосно странски, или пак од јавни форуми без национален карактер, како што е Фејсбук.
Независно од тоа што кривата на заболувања не може да биде соодветно испроектирана поради недостатокот на капацитет за зголемување на тестирањата, нашето население својот компас за ургентност го управува според намалувањата на опасноста од пандемијата на континентално ниво, што укажува на една од две можности – незаинтересираност или недоверба на населението во нашите пропагандни механизми, или пак некомпетентност во работата на механизмите; и најпосле, склоност на нашето население во верување во теории на заговор.
Изведениот заклучок е тоа што веќе е добро познато во круговите на политичките науки. Нашето население е подложно на реакционерни политики и популизам кои се најплодни во постигнувањето краткорочен успех и агитација, додека секоја интегративна политичка идеологија е под опасност од обезличување. Тешко е да се даде одговор како треба да се прилагоди политичкото дејствување на колективните идеолошки активности во однос на општествената актуелност. Навидум, решението е присутно во можноста за вертикално политичко дејствување, т.е. во јадрото на државниот апарат како единствен вистински капацитет за корекција на недостатоците на политичката култура. Ова претпочитува реформирање на јавното образование, на масовните медиуми, како и на граѓанската култура и локална организација. Демотивирачка е стварноста во поглед на можноста за било каква базна иницијатива, т.е. она што се нарекува „грас рутс“ инцијатива, бидејќи севкупната лабилност на политичкото организирање на локално ниво е хендикепирана како резултат на недостатокот на чувство за припаѓање, дури и на ниво на микроидентитети и регионална политика.
Прагматичен одговор кон општествена стварност
Неопходното олабавување на мерките е веќе речиси целосно остварено, но сè додека не се реформира пропагандниот механизам, кој ќе ги соочи граѓаните со последиците од здравствената криза, можеме повторно да се соочиме со контрапродуктивен резултат на попуштањето на мерките.
Односно, недостатокот на ургентност и комунитарен пристап на населението може да вроди лажна удобност во кризата. Одговорноста за ова, иако несомнено најголема кај државните институции, ја делат и сите големи политички партии, вклучително владеачката која треба да ги издвои своите активности за агитација на партиско ниво како и на ниво на владеачката гарнитура. Во нив е единствената можност за брзо реагирање и пренасочување на текот на кризата.