Зекири однесен во притвор во Шутка
За неполни пет години од владеењето на СДСМ, за втор генерален секретар на Владата се отвора истрага за сомнителни јавни набавки. За поранешниот генерален секретар Драги Рашковски во тек е судски процес, а сега актуелниот генсек во оставка Мухамед Зекири заврши во притвор, откако Обвинителството отвори истрага. И двајцата важат за блиски луѓе на Зоран Заев.
Судот му определи притвор во траење од 30 дена на генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири. Судија на претходна постапка доцна во петокот одлучи да го прифати предлогот на Обвинителството и да определи мерка притвор за Зекири, поради постоење основи за бегство, можност за уништување докази или влијание на сведоци, како и опасност дека ќе го повтори делото. Тој со полициско возило потоа беше спроведен од судот до затворот Скопје во Шуто Оризари.
Зекири претходно во петокот поднесе неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата откако беше осомничен за злоупотреба на службена должност.
Освен Зекири, во случајот осомничени се и двајца хрватски државјнаи, но тие се недостапни за органите на прогон. И за нив е опредлен притовор, кој би важел откако би се пронашле. Зекири се товари дека ја злоупотребил службената положба и со тоа се стекнал со противправна имотна корист.