Во општинските основни училишта „Никола Вапцаров“ од Струмица, „Маршал Тито“ од село Муртино и „Маршал Тито“ од Струмица, продолжуваат активностите во рамките на Проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“, финансиран од Детската фондација Песталоци од Швајцарија.
Наставниците кои изведуваат настава на различни наставни јазици и различни наставни предмети, реализираат заеднички часови со ученици од македонската и турската заедница, со што реално се остварува целта на проектот, да се подобри меѓуетничката интеграција и соработката со локалната средина.
Учениците од различна етничка припадност ги развиваат вештините и компетенциите за интеркултурно образование, а наставниците ја подобруваат наставата и практиките по наставните предмети општество и граѓанско образование со други наставници кои реализираат настава од други наставни предмети, со што се врши корелација и координација за сродни наставни теми.
Со наставниците кои изведуваат настава по граѓанско образование се вклучуваат и наставниците по историја, етика, странски јазици, ликовно, музичко и физичко образование, а наставниците од одделенска настава меѓусебно разменуваат искуства и добри практики од наставниот предмет општество, во корелација и координација со други наставни предмети опфатени во наставниот план за соодветното одделение.
Заедничките часови за учениците се часови за интерактивно учество, меѓусебно запознавање и заеднички изработен проект.
Проектот се реализира со поддршка на Бирото за развој на образованието, а општина Струмица како партнер ја обезбедува потребната административно-техничка поддршка.