Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, вели во интервју за „Вечерни новости“ претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески.
Србија е трет трговски партнер на Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија. Во 2020 година реализирана е трговска размена меѓу двете земји во вредност од 781,4 милиони долари што е за 8,6% помалку поради корона кризата.
„Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис секторот, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари. Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така можат да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата.