Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Столтенберг упати честитки до претседателот Заев за победата на СДСМ на предвремените парламентарни избори и изрази задоволство што во Република Северна Македонија е реизбрано политичкото раководство кое со своите храбри и исправни политики ја внесе земјата во НАТО, како 30-та земја членка. Со тоа е потврдена определбата на Република Северна Македонија, како членка на Алијансата, да го продолжи реформскиот пат кој значи напредок, развој и стабилност“, соопштија од СДСМ.
Особено е важно, нагласил Столтенберг, што тоа се случило по решавањето на големи проблеми на меѓународен план и по спроведувањето на значајни реформи дома, што го потврдува демократскиот капацитет на македонскиот народ.
Претседателот Заев изразил благодарност за честитките и нагласил дека на овие избори се покажало дека граѓаните ја поддржале посветеноста и исправниот реформски курс на Владата предводена од СДСМ.
Претседателот Заев нагласил дека Северна Македонија цврсто останува посветена на демократските реформи и евро-атланската ориентација.
„Двајцата соговорници се согласија дека имавме достоинствени, фер и демократски избори, како што доликува на земја членка на НАТО и на земја што почнува преговори за полноправно членство во Европската Унија. Претседателот Заев нагласи дека новата влада, предводена од СДСМ, со уште поголемо темпо ќе продолжи посветено да работи, особено на полето на економски напредок, на реформи во правосудниот систем, како и на политики кои ќе донесат развој и подобар живот за сите граѓани“, се наведува во соопштението.
извор: Макфакс