Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев одржа прес-конференција за домашните и странските медиуми по повод апостолската посета на Папата Франциско на нашата земја.
Изјавата на премиерот Заев во ова соопштение ви ја пренесуваме во целост:
Нашата убава земја Република Северна Македонија денеска е уште еднаш во фокусот на светското внимание.
Посетата на Неговата Светост, првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава Папата Франциско, како прва, историска посета на еден Папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји.
Посетата на Папата Франциско не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа.
Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.
Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.
Светата литургијата со која Папата Франциско ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.
Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија.