– Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција, до 19 април ги продолжи авионските упатства, според кои за сите пристигнувања во земјата, задолжителен e негативен ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето, како и седумдневен карантин, со исклучок на државјаните на Израел кои имаат сертификат за вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.
Авио упатствата се однесуваат на сите пристигнувања од странство, вклучително и од земјите- членки на ЕУ, а продолжена е и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји.
Државјаните на Израел кои ги примиле двете дози од вакцината 14 дена пред патувањето и имаат сертификат на англиски јазик се ослободени од седумдневниот карантин. За сите пристигнувања во Грција задолжителна е и потврда за негативен ПЦР тест, на одредени категории ќе им се прават и брзи тестови при влезот на грчка територија, а ќе бидат тестирани сите оние кои пристигнуваат од Обединетите Арапски Емирати и од Велика Британија.
По пристигнувањето од Велика Британија, освен седумдневниот карантин, задолжителен е и нов ПЦР тест за завршување на седумдневниот карантин. Согласно упатствата што се во сила од денеска, за руските државјани, летовите се само кон Солун, Атина и Ираклио на Крит, а дозволено е пристигнување на најмногу 4.000 лица седмично.
За пристигнувањата преку копнените граници, односно преку граничните премини Евзони од Северна Македонија и Какавиа од Албанија, како што вчера објави МИА, карантинот е 14, наместо седум дена, а до 19 април продолжена е забраната за влез во Грција на државјани на трети земји.