Жена ќе загинеше во пожар во семејна куќа во Струмица. Пожарот што изби попладнево на улицата Херој Карпош се претвори во вистинска драма на која сведочеа соседите но и екипи на противпожарната единица, откако сопственичката на куќата не сакаше да ја напушти. Пожарникарите едвај ја извлекоа жената од пламените јазици, бидејќи таа се опираше и сакаше да остане внатре. Пожарот избил нешто после 15 часот во приземјето на куќата и бргу се прошири и на катот. Две противпожарни возила го гасеа огнот, а се претпоставува дека жената била сама дома. Таа живее со сопругот, кој најверојатно бил излезен. Не се знае од што е настанат пожарот, дали жената го подметнала намерно или од невнимание, или пак е последица на неисправна електирчна инсталација. Соседите коментираат дека жената е со нарушено ментално здравје и често имала испади. Куќата на улицата Херој Карпош се наоѓа во стариот дел на Струмица каде градот е густо нселен. Опожарената куќа лепи со друга, но за среќа, огнот не се прошири надвор од куќата.