Eпидемиолошката состојба со КОВИД-19 во општина Гевгелијае стабилна, оцени раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, д-р епидемиолог Сашко Олумчев. Ваквата оценка произлегува од статистиката која покажува висок процент на оздравени пациенти од КОВИД-19 во општина Гевгелија.
Од почетокот на пандемијата, со појавата на првиот КОВИД- случај и во текот на пандемијата, од евидентираните 1125 заболени излечени се 810 пациенти. Како што истакна Олумчев, ваквите резултати се должат на ангажманот на сите здравствени работници и целокупниот персонал на Општата болница во Гевгелија и на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија. Олумчев истакнува дека граѓаните сериозно ја сфатиле опасноста од вирусот и повеќето од нив доследно се придржуваат на мерките пропишани од Комисијата за заразни болести.
– Се надевам дека ваквото одговорно однесување на граѓаните на општина Гевгелија ќе продолжи и во наредниот период, особено пред претстојните новогодишни и божиќни празници, затоа што на ваквиот начин се контролира ситуацијата со вирусот и подолго би се одржувала стабилна епидемиолошката состојба. Доколку не се почитуваат мерките, очекувам за две недели да се зголеми бројот на заболени од КОВИД-19. Затоа, апелирам сите да покажеме одговорност, да ги почитуваме сите препораки и мерки за да продолжи трендот на опаѓање на нови случаи од Корона вирусот на подрачјето на општина Гевгелија, за кое е надлежно Центарот за јавно здравје, ПЕ- Гевгелија.