Од експлоатацијата на минерални суровини, Северна Македонија во 2019 година наплатила 8.2 милиони евра, односно, за користење на површина, околу 800.000 евра и за количината на експлоатираната суровина 7.4 милиони евра, објави денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кои забележаа дека концесија за користење минерални суровини имаат добиено вкупно 264 фирми.
Оттаму посочуваат дека се издадени 358 вакви концесии, додека површината на земјата која е опфатена со овие концесии изнесува 349 километри квадратни, што претставува 1.4% од вкупната територија на државата.
„Вкупно се експлоатираат 50-тина видови минерални суровини. Најмногу концесии се издадени за експлоатирање на варовник, 110, за вода, 47 и за песок и чакал 43 концесии. Територијално, најмногу концесии се издадени за експлоатација на суровини на територијата на општина Прилеп, вкупно 32. Следат општина Гостивар со 21 концесија, Струга со 18 концесии и Сопиште со 15 концесии“, стои во соопштението на ЦГК.
Најмногу концесии, по девет имаат цементарницата „УСЈЕ“ од Скопје и градежната фирма „Гранит“ од Скопје, потоа шест концесии има „МИСА-МГ“ од Скопје, додека пет концесии има „Кнауф Радика“ од Дебар.
Истовремено, од ЦГК посочуваат дека најголем надомест плаќаат рудникот „Саса“, 2.2 милиони евра годишно и рудникот „Бучим“, 1.2 милиони евра годишно. Заедно, овие два субјекти, како што додаваат од ЦГК, плаќаат дури 43% од вкупните средства што се слева во државната каса за ескплоатација на суровините