Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска беше во посета на Дојран, најави над 100 милиони евра кои ќе бидат инвестирани во водоводна и канализациона мрежа по општините во државата. Тој ги повика општините да аплицираат со квалитетни и издржани проекти за да бидат одобрени средствата кон локалните самоуправи кои не мора да учествуваат со свои средства
– Обезбедени се над 100 милиони евра за општините кои ќе може да се искористат за изградба на водоводи и канализации и затоа апелирам до општините да подготват и достават ревидирани проекти до Владата. Општините треба да ги утврдат приоритетните проекти, а ние ќе им помогнеме да ги реализираат. Ова е еден од начините со кој ќе ги подобриме условите за живот на граѓаните, рече Сугарески кој денеска се сретна со градоначалникот на Дојран Анго Ангов
Градоначалникот Ангов истакна дека веќе се работи на изработка на проекти за проширување на канализационата мрежа во општината и ќе се аплицира во министерството за транспорт и врски. Меѓудругото разговараа и за изработка на урбанистички планови за Дојран кој се смета за приоритетен проблем
Градоначалникот на Дојран најави дека до почетокот на идната година ќе се заврши асфалтирањето на локалниот пат Дојран-Црничани.