• Fri. Nov 22nd, 2024

Досега се казнети 20.327 лица за неносење маска

Полицијата досега казнила 20.327 лица кои не носеле заштитна маска, што претставува законска обврска од 1 мај за сите граѓани на Македонија.

„Полициските службеници се во првите редови во справување со пандемијата од Ковид-19 и тие во континуитет преземаат мерки за контрола на почитување на одлуките на владата. Во таа насока, од страна на полициските службеници досега се констатирани  вкупно 20.327 прекршоци за неносење лична заштита на лицето од кои 618 прекршоци во изминатото деноноќие“, напиша техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, на Фејсбук, пренесе Макфакс.

Според законот, казна од 20 евра ќе му биде изречена на секое лице кое нема да носи заштитна опрема, односно маска, шал, марама и слично во затворени простории, како маркети, банки, пошти, чекалници, здравствени институции.

Со уредбата се предвидува фирмите кои дејноста ја извршуваат во своите седишта да обезбедат заштитна опрема за сите вработени, но и посетители во фирмата кои доаѓаат во нивна посета. Доколку ова не се почитува, казната што ќе се изрече е 2.000 евра.

Чулев апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и сите заеднички да придонесеме што побрзо животот да биде вратен во нормала.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *