ДОМ е континуирано на страната на отпорот против отворање на рудникот „Иловица“ на падините над Струмичкото Поле. Тој проект е антиеколошки и ги загрозува животната средина и здравјето на граѓаните, велат од партијата. Гледано правно, додаваат од таму, тој замислен рудник има документи со одамна истечени рокови, слично на „Казандол“.
Според ДОМ, нема ниедна основа институциите да дозволуваат однесување на сопствениците како сè да е во најдобар ред, па сега им останале уште археолошките истражувања и да продолжат со копање огромен базен во планината.
„Рудникот ‘Иловица’ треба да се заборави и поради тоа што предвидената технологија е во спротивност со измените на Законот за минералните суровини, со кој се забрани употреба на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Оваа одредба важи за сите рудници што треба да аплицираат за концесија. Таков е и „Иловица“, тој е рудник во најава, без валидни документи и концесија. Пратеничките на ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, го подготвија текстот за Законот за минералните суровини и го поднесоа со група колеги од парламентарното мнозинство токму за да ги спасат граѓаните од отворање 80-ина опасни рудници во Македонија. Законот беше усвоен во јануари 2019 година и тој треба да се почитува“, велат од ДОМ.