Милан Алашевиќ од Словенија е добитник на златната плакета со најдобра карикатура на 19-то издание на Интернационалниот фестивал на афоризам и карикатура. Од околу 200 карикатури од 30 држави тој беше избран за најусешен со својата карикатура. Павел Станчиќ од Полска ја доби сребрената плакета, а годинава, бронзата отиде во рацете на Слободан Бутир од Хрватска.
Во рамките на карневалските празнувања, синоќа, во центарот за култура „Антон Панов“ беа доделени и наградите на авторите на најдобрите афоризми по распишаниот конкурс на тема „Карневал и еротика“. Од околу 400 афоризми од седум држави пристигнаа на Меѓународниот фестивал на афоризам и карикатура, а годинава не беше доделена златна плакета. Сребрената плакета ја доби Мане Маревиќ од Србија, а Милко Стојковиќ и Миливоје Јозиќ беа добитници на бронзената плакета.
Наградата од организациониот одбор на струмичкиот карневал за најдобар афоризам беше доделена на Наташа Ќурчиска, а дипломи добија Мирослав Божков од Бугарија, Валериј Тарасенко од Русија и Љупка Цветанова од Македонија. Блаже Докуле ја доби наградата за најдобра карикатура од Организациониот одбор на карневалот, а беа доделени и дипломи.
Годинашната карневалска програма продолжува вечерва со доделување на наградите на најуспешните маски од струмичкиот карневал, а утре во Центарот за култура „Антон Панов„ ќе биде поставена посната трпеза по повод празникот Тримери.