Иако матурантите оваа година нема да полагаат државна матура бидејќи Министерството за образование процени дека учат во поинакви услови и е комплицирано и небезбедно да се организира тестирањето, сепак, оние 1.400 ученици што во минатите години не положиле матура, а се пријавиле, ќе го полагаат ова тестирање.
Ова е предвидено во Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Законот за средното образование. Предвидено е за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година, да се организира полагање на испитите за државна матура.
Ова важи и за учениците што во претходните учебни години почнале со полагање испити од државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење или завршен испит со четиригодишно траење, но не ги положиле и се пријавиле за повторно полагање во учебната 2019/2020 година.