• Fri. Nov 22nd, 2024

Дел од тутунските здруженија бараат зголемување на цената на тутунот за 35 отсто

За преку 35 отсто треба да се зголеми цената на тутунот за да има реална исплатливост и повисоки цени за новата реколта. Понуденото зголемување за 20 отсто нема да донесе повисоки цени, зашто 60 отсто од родот се проценува во втора класа, сметаат новоформираните тутунски здруженија.

Реагираат дека, наводно, им се нудат договори претходно потпишани. Васко Јосифовски од тутунското здружение „Тутунска надеж“ изјави дека зголемувањето од 20 отсто што го бара Сојузот на земјоделските здруженија нема реално да ја зголеми цената на тутунот.

-Новоформираните здруженија и здружението „Тутунска надеж“ сметаме дека не може ништо да се постигне со предложеното зголемување од Сојузот на земјоделските здруженија за 20 проценти. Тоа зголемување може да доведе тутунарите на крајот да завршат со намалена просечна цена од 277 денари, а не зголемена. Ова е вака, зашто процентуалната застапеност на тутунот, според класи, е дека 60 отсто оди втора класа, 15-тина проценти во прва и останатото во трета класа. Имајќи предвид дека чинењето на производството на тутун е 240 денари, плус околу 30 проценти некаква заработувачка, минимална, за тутунопроизводителот, тогаш ќе добиеме цена од 312 денари за килограм. Говориме за нормална проценка, знаејќи дека зголемувањето на цените на тутунот не смеат да бидат под 35 до 40 проценти за да имаме реална проценка и колку толку заработувачка и задоволни тутунопроизводители, рече Јосифовски.