Советот на Општина Гевгелија, на последната седница, ја донесе Програмата за спроведување на општите мерки за заштита и спасување на населението од заразни болести за 2020 година, изработена врз основа на Елаборат изготвен од Центарот за јавно здравје- ПЕ во Гевгелија. Дел од активностите предвидени со Програмата, односно дезинфекцијата на улиците и јавните површини поради пандемијата на Корона вирусот, веќе се спроведуваат од страна на надлежните служби одредени од Општинскиот кризен штаб, рече пред советниците градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Што се однесува до дезинсекцијата во општина Гевгелија, информираше Поцков, ќе се спроведува во рамките на Југоисточниот плански регион, и тоа, со лаврицидно и теренско прскање против комарци, согласно нашите искуства кои беа применети лани. Имено, градоначалниците на десетте општини од ЈИПР ги прифатија предлозите од нашата и општина Радовиш, наместо авионско, годинава на територијата на целиот регион прскањето против комарци да биде теренско. За таа цел, потпишавме Договор за извршување на групна набавка за заемна активност на општините за третирање против возрасни комарци и ларви од комарци во 2020 година на територијата на општините од Југоисточниот плански регион, рече Поцков.
Во Центарот за разбој на ЈИПР информираат дека постапката по јавниот повик е завршена, имало само една понуда од кавадаречката фирма „Лиса ком“, така што по евалуацијата и целосното завршување на постапката ќе биде потпишан договор. Инаку, според претходно изготвениот план на актвности, односно обезбедени буџетски средства во секоја општина, во општина Гевгелија ќе бидат изведени 2 ларвицидни прскања и 3 прскања против возрасни комарци на целата општинска територија. Секоја општина заедно со економскиот оператор теренски ќе ја потврдат површината за спроведување на ларвицидното прскање, ќе ги определат точните жаришта за третирање на истите и ќе го спроведат третирањето на определената површина на територијата на својата општина.
Во врска пак со дератизацијата, во општина Гевгелија, во тек се активностите за организирање на првата, пролетна акција за дератизација. Акцијата против глувците ќе се спроведе со поставување мамки во 1400 шахти на територијата на Гевгелија и другите населени места. Пролетната акција треба да заврши до 15 мај, а за наесен е предвидена уште една акција за дератизација.