• Fri. Nov 22nd, 2024

„Девојчето и градот“ – новата сликовница на Ване Костуранов

Новата книга за деца од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов, „Девојчето и градот“, излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за трета сликовница од Костуранов, по успешните и наградувани: „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“.
Во „Девојчето и градот“ се раскажува приказна за едно девојче, кое живее во еден сивкав град, во кој веќе одамна не доаѓаат сонцето, птиците, пеперугите… Еден ден, талкајќи по улиците полни со луѓе, девојчето ќе се загуби и сосема неочекувано ќе се најде пред една огромна шума, во која ќе открие работи што ќе ѝ го променат животот од корен.
‒ Приказната настана во обид да се справам со сивилото на нашето секојдневие, посебно во зимскиот период, кога сите имаме горчливо чувство во устата од загадениот воздух. Од стравот дека оваа зима ќе биде уште подолга од претходната. Од градовите во кои доминираат сите можни нијанси на сивата боја, а зелените површини се метаморфираат во бетон. Од страшното сознание дека изгубивме целосен контакт со природата, а со тоа го изгубивме и контактот со себеси… Градот во очите на девојчето е соголен од сите фасади, прикриени и невидливи работи, кои се наше секојдневие. Девојчето јасно го гледа градот кој е преполн со луѓе, а сепак, сите се осамени. Таа навидум доаѓа од и му припаѓа на градот, но таму не наоѓа ништо заедничко. Детската способност да се согледуваат работите од различни димензии и перспективи не само што е фасцинантна, туку во повеќето случаи открива и многу вистини. А вистината е дека во нашите градови сивата боја доаѓа во безброј нијанси, а поради тоа сѐ почесто нѐ одминуваат сонцето, птиците и пеперугите… Оваа приказна со години ми се моткаше во главата и почна да се појавува на моите слики уште пред неколку години, но, еве, сега дојде ред да ја раскажам и во форма на книга – вели Костуранов.

Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.
Неговите две претходни сликовници, „Ѕвездено дете“ („Арс Ламина“, 2018 г.) и „Девојче и мече“ ( „Арс Ламина“, 2019 г.) се меѓу најпопуларните изданија за деца кај нас, кои добија и престижни признанија, a преведени се и на други јазици.
Двете книги освоија награди за најдобро ликовно-графички уредено издание што традиционално ги доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата во Скопје. „Ѕвездено дете“ беше објавена во Хрватска, а неодамна излезе „Девојче и мече“ на српски јазик, во издание на престижната белградска издавачка куќа „Лагуна“. „Девојче и мече“ влезе во престижната листа The White Ravens 2019 – со што е првата книга на македонски јазик што се нашла меѓу најдобрите детски изданија на овој избор.
Приказната во сликовницата „Девојчето и градот“ беше инспирација за ликовниот и литературен конкурс за деца, чии резултати ќе бидат објавени наскоро.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *