Претстојниот викенд, на 8 и 9 јули, ќе се одржи дводневниот велосипедски настан „Авантурите на Конче и Мантово“, на езерото Мантово во Општина Конче.
Во рамките на овој вело-фест ќе се одржат две велосипедски тури, кои ќе бидат надополнети со интересна програма.
В сабота, покрај велосипедската тура околу езерото Мантово и можноста учесниците да кампуваат на брегот на езерото, во програмата се предвидени саем на локални производи и културно-уметничка програма составени од настапи на фолклорни ансамбли, диџеј и бенд во живо.
В недела е предвидена главната велосипедска тура во должина од 56 километри по маркирани патеки низ природните предели на општината Конче, кои првпат ќе им станат достапни на посетителите на настанот.
Се очекува на настанот да земат учество над двесте велосипедисти, а за сите заинтересирани пријавувањето е сè уште отворено и може да се направи преку веб-страницата prvdovrv.mk.
Учеството е целосно бесплатно и покрај наведените содржини, за учесниците се обезбедени и оброци, пијалаци, маички и сувенири.
Настанот е наменет за сите оние што рекреативно возат планински велосипед, што се чувствуваат физички подготвени за повеќечасовно возење во планинско-ридски предели и што поседуваат неопходна опрема за ваков тип на возење.
Коорганизатор на настанот е здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, а тој е дел од проектот Netoural, кој е кофинансиран од Европската Унија преку ИПА-програмата „Интеррег“ за прекугранична соработка со Грција.