На 3.480 избирачки места денеска 1.808.131 граѓани со право на глас по шести пат ќе бираат претседател на државата.
Гласачите ќе бираат меѓу тројца кандидати зад кои стојат политички партии, но сите тројца во кампањата се декларираа како натпартиски. Двајца од кандидатите се мажи, а една е жена и ова е вторпат во историјата на земјава жена да влезе во трка за претседател откако во 2009 година Мируша Хоџа не влезе во вториот круг на изборите.
Согласно Изборниот законик, во првиот круг еден кандидат може да стане претседател само ако освоил мнозинство од гласовите од вкупниот број запишани гласачи, плус еден.
Ова значи дека победникот на изборите во првиот круг треба да добие најмалку 904.066 гласови.
Доколку не се случи тоа, се одржува втор круг на избори, каде излезноста треба да е 40 проценти за да може да се избере претседател, односно на гласање треба да излезат најмалку 723.253 гласачи. Вториот круг на изборите во случајов би се одржал на 5 мај. Доколку не се постигне цензусот од 40 посто излезност, изборите се повторуваат.
Како што информираше Државната изборна комисија (ДИК) за изборите се акредитирани вкупно 3.094 домашни и 419 меѓународни набљудувачи како и 289 преведувачи, а изборниот ден ќе го следат и 16 набљудувачи на ЕУ и парламентарното собрание на Советот на Европа. Тие ќе бидат распоредени во вкупно 80 општински изборни единици. Најмногу набљудувачи ќе има граѓанската асоцијација „МОСТ“ – 1.500 кои ќе бидат распоредени на 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок. Меѓународната набљудувачка мисија ОБСЕ/ОДИХР ќе го следи изборниот процес со 240 набљудувачи.
Вчера се гласаше на 32 гласачки места во конзуларно-дипломатските претставништва на земјава, во казнено поправните установи, а правото на глас го остварија и болните и изнемоштени лица.