Градот Скопје денеска ги промовираше новите хибридни возила што се набавени за потребите на градската администрација, со цел, како што велат од Град Скопје, да бидат пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето.
„Исполнуваме уште едно од предизборните ветувања, дека Градот Скопје и градската администрацијата ќе бидат пример и стимулатор на еколошкиот начин на живеење. Имено, Град Скопје, за потребите на градската администрација набави шест нови хибридни автомобили од марката „тојота јарис“ во вкупен износ од 6,3 милиони денари со вклучен ДДВ. Со тоа го обновуваме остарениот возен парк на градската администрација. Последната набавка на возила во Град Скопје била извршена во 2012 година кога биле набавени дизел автомобили „форд фиеста“, кои се нееколошки возила“, рече градоначалникот Шилегов, на промоцијата на новите еко-возила.
Тој објасни дека емисиите на CO2 кај новите хибридни возила изнесуваат околу 4,8 g/km, а потрошувачката на гориво (бензин) изнесува 3,7 литри за 100 километри со што ќе се прават сериозни заштеди во однос на одржувањето. Возилата се набавени со гарантен период од 6 години или 200.000 километри.
„Додека ја предводам градската администрација сите возила што ќе ги набавуваме за нејзините потреби ќе бидат на електричен или на хибриден погон. Градот Скопје упатува порака кон граѓаните дека сите мораме да ја штитиме животната средина и преку вакви примери да придонесеме да се намали аерозагадувањето од сообраќајот“, порача Шилегов.
извор:makfax