Поетот од Струмица, Митко Гогов, е еден од петмината номинирани за наградата Браќа Миладиновци, која се доделува за најдобра објавена стихозбирка помеѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата. Гогов вели дека е горд што „Скриеното писмо“ го открило жирито за оваа престижна награда.
Чувствувам огромна чест, задоволство, но и одговорност пред книжевната јавност што мојата нова книга „Скриено писмо“, во издание на издавачката куќа Антолог, е номинирана и влезе во потесен круг за наградата „Браќа Миладиновци“. Да се биде дел од една таква манифестација од светски рамки како што се СВП, само по себе е незаменливо искуство, дури и само како учесник, а да се биде во трка за најдобра поетска книга меѓу две Струги е нешто кое допрва ќе почне да ми одѕвонува во постоењето.
Чувството на среќа и гордост кога ќе се издвои вашето творештво во морето писма е различно за секој. За Митко тоа е бестелесна состојба, ослободен од гравитација. Така го опишува тоа што го чувствува откако излезе неговата поетска збирка. Вели дека добрите критики почнале уште не првото претставување на книгата.
Мора да признаам дека деновиве лебдам во облаци од среќа и многу ми е драго што „Скриено писмо“ наидува на одлични реакции од читателите уште од Саемот на книгата, кога беше прв пат промовирана, па се до денес. Самото тоа што моето име како поет се најде во таква престижна компетиција, а претходно наградени биле: Анте Поповски, Радован Павловски, Катица Ќулавкова, Михаил Ренџов, Јоциќ, Ѓузел, Конески, Урошевиќ, Смилевски, се до Маџиров, Мартиновски е успех за мене, уште која ја дознав веста реков дека кој и да победи, јас најсикрено посакувам да се избере најдоброто, најчистото, најуникатното и најквалитетното од поезијата која ја има во нашиве дела.
Има ли атмосфера за пишување и објавување поезија во ова турбулентно и жешко политичко лето? Може ли стиховите да се необременети од реалноста, или барем да ја филтрираат и да ни ја прикажат низ едно друго, уметничко светло?
Македонија е плодна почва за поезија, затоа и квалитетот на СВП одекнува ширум светот, поетските гласови кои се родени во нашава држава се навистина национално богатство. Со оглед на тоа што и самиот сум дел од активното креирање на културна програма која ги вклучува поетите од цела држава, на овој или оној начин, преку најразлични поетски настани, промоции и (интер)национални манифестации, сметам дека не само што владее позитивна атмосфера меѓу поетската фела, туку дека има уште простор сета таа поетика да се исканилизира уште поорганизирано, со што љубителите на убавиот збор би имале поголема можност и прилика да имаат директен однос со книжевната продукција.