Во туристичките места во Македонија недостига кадар за работа.
Газдите на хотелите, рестораните, се во потрага по млади луѓе кои би работеле за период од два до три месеци, но велат дека заинтересирани скоро и да нема. Се жалат дека младите кои претходните години кај нив работеле сега се заминати во Германија, Швајцарија, Италија, и според нив оваа година ќе биде можеби најтешката за обезбедување на персонал за работа.
„Ни требаат околу 15 луѓе за работа. Бараме келнери, шанкери, собарки, буквално од сите профили ни требаат луѓе. Младите луѓе или не се тука или не се заинтересирани, не се пријавуваат на оглас, иако освен плата се нуди и сместување. Бараме работници од други градови, доколку се заинтересирани за работа. Кадар за работа ни треба од јули до септември, но ако потрае сезоната може да работат и цел септември. Ние разменуваме мислење со другите угостители и хотелиери, и навистина со овој проблем се соочуваат сите. Се пријавуваат одредени луѓе кои се повозрасни на 55 или 60 години, но ќе видиме што ќе направиме сезонава“, велат од хотел во Дојран.
Минатите години во Дојран работеа млади луѓе од соседните општини Валандово, Богданци, или од Струмица.